Врбјанска Чука

Врбјанска Чука

Локалитетот Врбјанска Чука претставува тумба формирана како неолитска населба пред 8.000 години и се наоѓа во Пелагониската општина Кривогаштани (с. Врбјани). За пошироката јавност Врбјанска Чука станува позната во 1977 година, а во 1979 год. се извршени и првите археолошки истражувања на тумбата, кои ќе продолжат и во наредните 1981 и 1982 година. Под лупата на археолозите, локалитетот повторно е ставен пет години подоцна, односно во 1987 година. Со овие истражувања утврдена е хронологијата на чуката. Всушност, се работи за наоѓалиште активно во три периоди, неолитот, доцната антика и средниот век. Во највисоките слоеви се откриени шест средновековни погребувања, но и повеќе јами кои од тука поаѓајќи, се симнуваат до најдолните културни слоеви. Периодот на доцната антика на чуката, застапен е преку нумизматички материјал, како и фрагменти од куќна и покривна керамика. Како особено интересна се издвојува неолитската фаза, кога за прв пат се забележува човечка активност на истражуваниот простор. Истражен е објект во кој е пронајдена масивна глинена конструкција, од можно ритуално значење, што го прави овој објект исклучителен за македонската археологија и особено неолитскиот период. Според формите и орнаментите изведени на неолитските керамички садови, неолитската населба која постоела на Врбјанска Чука, се смета за дел од пелагониската група Велушина - Породин. 

Во организација на  Центарот за истражување на предисторијата, Форумот за авангардна креативност, Домот на културата „Марко Цепенков“, Институтот за старословенска култура, Завод и музеј – Прилеп и Музеј на Р. С. Македонија, во 2019 год. одржани е концерт на пијанстиката Дуња Иванова. Исто така, во 2020 год., во делот од оф-програмата на Прилепскиот џез-викенд настап имаше и Антоние Вескоски, еден од ретките македонски соло-вибрафонисти. До археолошкиот локалитет може да се стигне со автомобил, но и велосипед. До наоѓалиштето поминува патот од с. Славеј до с. Боротино, којшто може да се користи за да се дојде до тумбата.

Видеото кое можете да го погледнете, подготвено е од Институтот за Старословенска култура - Прилеп.

Фото: Концерт на Антоние Вескоски; автор: Звонко Димоски

 

Содржината е превземена од: https://www.facebook.com/Врбјанска-Чука-Vrbjanska-Cuka-554240528118…